Братскиот дуел меѓу МЗТ Скопје и МЗТ Скопје 2 во рамките на 16. коло во Првата лига мина во вистинска битка на теренот, победи поискусниот состав со 92-84 и привремено се искачи на првото место на табелата.
За разлика од претходната средба, овој пат „штркчињата“ пружија силен отпор на составот на Дарко Радуловиќ, кој пак на оваа средба не сметаше на неколку стандарни кошаркари, меѓу кои и Војдан Стојановски, а поради повреда го немаше ниту неговиот брат Дамјан.
Дека ова ќе биде интересна средба најава дојде уште во првата четвртина, во која момците на Борис Нешовиќ имаа предност од 13-23. Ваквиот расплет им даде дополнителен мотив, па на средината на вториот период поведоа и со 24-36. Актуелниот првак се разбуди на време, со серија од 11-3 на одморот замина со негатива од 42-43.
Третиот период мина во резултатска нишалка, во која најдобро се снајде поискусниот состав. Ја презеде контролата и успеа да дојде до планираните бодови.
Рикиќ со 20 поени беше прв стрелец, зад него беа Милошевиќ со 18 и Николов со 16 поени, по 14 коша запишаа Робев и Мекиќ. Во редовите на МЗТ Скопје 2, Рансом имаше 21 поен, додека еден поен помалку имаше Јигитоглу.