КОМЕНТАР НА 19.КОЛО: Силен старт на Шкупи и Шкендија…и теренот во Штип!

1338

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ете дочекавме по цели два месеци пауза и ние да се “занимаваме“ со мак – фудбалот. Каков – таков, тој си е наш. И затоа мора да го респектираме, секако и сакаме.

Стартот на пролетниот дел покажа дека само Шкупи и Шкендија може и тоа како да се надеваат на шампинскиот пехар. “Пандевци“ беа ставани како аспиранти, но се виде дека без Васоски и Мирчевски тешко ќе оди. Првото полувреме на Чаир екипата од Струмица се покажа во одлично издание, но потоа падна, како некоја друга екипа да беше.
Шкупи покажа и дефинитивно дека е зрел за титула. Има се што треба за тоа, а и +8 бодови пред силната и опасна Шкендија. Сепак има уште многу, уште 14 кола до крајот.

Македонија ЃП тешко стигна до триумф против кавадарчани кои по мечот жестоко реагираа на судењето, следуваше “враќање“ на тимот од Ѓорче.

Изненадувачки резултат на Автокоманда. Имено се очекуваше Скопје без проблеми да слави над Борец, но ете, жилавите велешани знаат да изненадат, тоа го покажаа и на овој меч. Дури имаа и водство за да Кировски спасуваше.

Работнички потешко од очекувањата стигна до трите бода во Битола, и тоа со два гола во самиот финиш.

Од друга страна треба да се знае дека без разлика што Пелистер е последен сите екипи кои дошле до победа на негов терен не им било нималку лесно. Битолчани играат храбро, борбено со класична одбрана па затоа колку да се подобар и поквалитетен од нив тешко се стига до трите бода, посебно во Битола.
И на крај, иако можеби требаше како прво, да кажеме збор – два за саботниот натпревар во Штип меѓу Брегалница и Ренова.

Не за самиот меч колку за тревата, односно теренот на Градскиот стадион во градот од Исарот.

Па зарем нема никој во тој град што знае како се одржува теренот? Некој со најдобра намера “истури“ добри пари, тука секако мислиме и на ФФМ, за да Штип добие адекватен фудбалски центар, а тие, пред се Брегалница, ја дочекуваат пролетната полусезона со онаков терен. Жално беше да се гледа ТВ преносот од тој натпревар, навистина жално.

Таму има проблем, имено за неколку години “новиот“ терен се реновира по неколку пати. Под итно треба да се преземат чекори за поправање на ситуацијата. Таков терен најмногу им пречи на самите играчи на Брегалница.

Но тоа е веќе друга приказна…

ПретходноИталија стравува од Македонија: Манчини и Федерацијата побараа одложување на колото од 19-20 март!
СледноМексиканец во дресот на Борец!