Шпанската магија дефинитивно годи: Вардар победи после четири месеци – Томовски ја спушти „ролетната“ во Монпеље

754

Вардар 1961 конечно по речиси четири и пол месеци успеа да дојде до победа во Лигата на шампиони. Македонскиот првак серијата од седум порази ја прекина против Монпеље, тимот кој му го нанесе првиот удар, на гостински терен славеше со 25-28 (10-14) во рамките на 11. коло во Лигата на шампиони. Со овие бодови направи чекор напред кон шестото место на табелата кое води во следната рунда.

Давид Дејвис дефинитивно внесе промени. Шпанецот на оваа средба го немаше на располагање Анте Гаџа, но добро го искористи Карапалевски, силите беа добро распределени, нападот не зависеше само од еден поединец.

Мартин Томовски е лидерот вечерва, запиша 13 интервенции. Оливие Њокас постигна пет гола, по четори гола имаа Стоилов и Тото. Дибиров запиша три погодоци, исто колку и Куни Моралес.

Еден поинаков Вардар видовме во Франција. Предводен од одличниот Томовски и неговите осум одбрани, како добрата дефанзива, македонскиот првак по првите 30 минути имаше предност од четири гола (10-14).

„Црвено-црните“ отворија со серија од 1-3, во која репрезентативниот голман имаше две одбрани. Вардар имаше и позитива од 3-5. Мала недисциплина во играта веднаш беше казнета од Монпеље со серија од 3-0 за прво водство на мечот од 6-5.

Не застанаа избраниците на Давид Дејвис, со серија од 1-4, македонскиот првак дојде на плсу четири (7-11) во 22 минута. Имаа шанса да дојдат и до поголема предност, но не ги искористија шансите, пред крајот домаќинот намали на 10-12. На одморот беше 10-14.

 

Не се промени ништо ниту во првите десет минути во второто полувреме. Вардар продолжи да игра дисциплинирано, на другата страна Канаје беше во очај, проба со „седум на шест“ во нападот, но ништо не промени. Македонскиот првак двапати погоди на празна мрежа за највисоки 13-21 во 42. минута, беше и 14-22.

На средината на второто полувреме водството беше 16-23. Монпеље на секој можен начин се обидуваше да се врати на оваа средба, во последните десет минути, успеа да дојде на минус четири (20-24). Вардар влезе во серија на грешки, Дејвис повика тајм-аут. Томовски со 11 интервенција спречи драма, Стоилов зголеми на 20-25.

Како одминуваше времето, домаќинот притискаше, на нецели три минути намали на 23-26. Но, Моралес постигна важен гол на минута и пол до крајот за 23-27.

Во следното коло, македонскиот тим е домаќин на ППД Загреб, уште еден должник.

ПретходноОфицијално: Воска Спорт го претстави Усни Исмаили! (ФОТО)
СледноОливие Њокас со „бризна на светлината“ го седна голманот на Монпеље (ВИДЕО)