Во последниот меч на домашен терен оваа сезона во регионалната ВАБА лига, кошаркарките на Бадел 1862 не успеаја да го изненадат тимот на Орлови. Составот од БиХ одигра одличен меч во Скопје и на крајот дојде до победа од 65:70.
За екипата на Орлови ова беше шестата победа сезонава во завршниот дел од натпреварувањето со која останува кандидат за едно од првите четири места на табелата. За Бадел 1862 ова беше единаесетиот пораз со кој остана на последното осмо место во финалната група.
„Баделки“ добро го почнаа мечот и ја добија првата четвртина со 14:11, но шампионот на БиХ во следните три периода успеа да го сврти текот на мечот и да направи резултатска предност доволна за мирен завршеток на дуелот.
Цветанка Димова со 22 поени ги предводеше „баделки“, додека кај Орлови најефикасна денеска беше Собот со 21 поен.