Главниот инвеститор на германскиот фудбалски клуб Херта од Берлин, Ларс Виндхорст ја искритикува клупската хиерархија и изјави дека направил голема грешка со влевањето на свежи финансии во клупската каса.
„Се надевав дека ќе наидам на рационални луѓе кои ја водат Херта кои имаат визија за иднината. Луѓе како мене кои сакаат клубот да има траен успех“, изјави инвеститорот за магазинот „Капитал“.
ТОј додаде дека хиерархијата на менаџерите на клубот била фокусирана на „одржување на власт и одржување на блиски внатрешни односи“, но одби да ги именува.
45-годишниот бизнисмен објави дека во 2019 година уплатил сума од 375 милиони евра и тоа го нарече грешка.
„За жал, сега сфаќам дека направив грешка. Инвестицијата во Херта беше губење на пари без никакви позитивни последици. Ништо не се подобри“, изјави Виндхорст кој и покрај разочарувањето рече дека ќе остане во клубот иако му се заканува испаѓање во понизок ранг затоа што е на само бод од опасната зона.
„Нема да дозволам никој да изгори 375 милиони евра и затоа нема да се откажам. Ќе се трудам да направам промена, Херта да работи како модерен клуб“, додаде тој.
Од друга страна изјавите на Виндхорст ги изненади челниците на клубот кои најавија дека ќе свикаат состанок за да се види на што точно мислел бизнисменот.
Виндхорст сакал да инвестира во Херта со идеја за претворање во „голем градски клуб“ кој ќе се бори за врвот на Бундес лигата и ќе игра во ЛШ.