Менаџерот на Манчестер Јунајтед Ралф Рангник нема потреба да му ја земе капитенската лента на Хари Мегваер и покрај тоа што призна дека видел некои слабости во играта на одбранбениот фудбалер на последните натпревари. Мегваер е подложен на сериозни критики сезонава и дел од навивачите на Јунајтед сакаат лентата да му биде одземена. Критиките кон 28-годишниот фудбалер се засилија викендов по ремито со Саутемптон 1:1 на „Олд Трафорд“, но Рангник вели дека нема потреба нешто да менува околу капитенското прашање.
„Мислам дека кога се врати по повредата игра мноогу подобро. Тој имаше и добри натпревари, на пример добар меч против Вест Хем. Точно дека во последните два меча тој имаше некои послаби моменти, како против Саутемптон и против Барнли кога примивме гол, меѓутоа генерално не гледам зошто би ја му ја одзел капитенската лента. Тој е нашиот капитен и така треба да остане“, изјави Рангник.
Мегваер беше избран за капитен на Јунајтед во јануари 2020 година од претходниот менаџер Оле Гунар Солскјер и пет месеци откако направи трансфер на „Олд Трафорд“ за рекордни 80 милиони фунти од Лестер.
„Мегваер треба да се развива, да станува уште подобар. Начинот на кој играме сега е сосема нов за него затоа што англиската репрезентација тој е навикнат да игра со тројца во одбранбената линија, а во Јунајтед со четворица. Тоа е нешто ново за него и ќе му треба време да се приспособи“, вели Рангник.