Бајевски: Вардар има цел, таа е враќање во Првата лига!

421

Во пресрет на стартот на пролетниот дел во ВМФЛ – ЗАПАД, спортскиот директор на Вардар Александар Бајевски за клупскиот сајт имаше свое обраќање.

Тој посочи дека со новите имиња тимот е посилен од есеноска и дека враќање во ПМФЛ е целта на сите во Вардар.

“Со вчерашниот потпис на Бенјамин Демир го заокруживме овој зимски преоден рок во Вардар во кој покрај него ангажиравме уште четири нови играчи Филип Гачевски, Дарко Мицевски, Ване Јованов и повратникот од позајмицата во Осогово, талентираниот Иван Мицевски. Апсолутно сме задоволни од тоа како се одвиваше преодниот рок и драго ми е што доведовме се она што посакувавме, бидејќи засилувањата претставуваат огромен квалитет, репрезентативен калибар, потенцијал и влог во иднината. Играчките и човечките квалитети кои ги поседуваат им овозможија на сите новајлии брзо и лесно да се вклопат во системот и со својот професионален однос кон обврските да се прилагодат на нашите барања, свесни за тоа каква тежина носи вардаровиот дрес, сконцентрирани на основната цел зацртана од клубот која што е враќање во првата лига“ вели спортскиот директор на Вардар.

Тој посочи дека се доведени играчи кои веќе освојувале титули со Вардар…

Доведовме играчи кои пред се знаат како се освојуваат титули со Вардар и кои се со целото срце во клубот. Целосно верувам во тимот кој го имаме во моментов, убеден сум дека имаме најдобар тим во лигата и доволно квалитет да ги исполниме сите наши цели, не само во моментов туку и во иднина. Лично сметам дека тимот е 70% посилен од првиот дел на сезоната и не се сомневам дека истиот понатака се повеќе ќе напредува во сите сегменти. Помеѓу имињата кои го засилија тимот би го вклучил и Никола Ристески од кого очекуваме во потполност да го покаже својот полн потенцијал откако по доаѓањето подоцна се вклучи во натпреварувачкиот ритам“.

ПретходноФранција на нозе: И Макрон и Саркози ќе го убедуваат Мбапе да остане во Париз!
СледноНаполи одигра реми на „Ноу Камп“, Дортмунд се посрамоти на свој терен (видео)