Младата репрезентација на Македонија до 17 години забележа убедлива победа од 3:0 против Малта на втората контролна средба одигранa помеѓу овие две селекции. Сите погодоци беа постигнати во второто полувреме.
Никола Величковски, стрелецот на првиот гол за Македонија на денешната средба и еден од најдобрите поединци е задоволен од нашата игра, смета дека тимскиот дух што владее во селекцијата е еден од важните фактори за победата.
“Пресреќен сум за постигнатиот погодок, мој прв во репрезентацијата. Се надевам дека во иднина ќе постигнам многу голови за овој дрес кој ми значи многу. Пред се сакам да се заблагодарам на селекторот и целиот стручен штаб за укажаната доверба. Одигравме одличен натпревар, посебно во второто полувреме. Сосема заслужено се радувавме на убедлива победа. Покажавме и на теренот дека многу повеќе ја посакуваме победата од противникот. И на првиот натпревар одигравме добро, но не успеавме да забележиме победа, пред се поради тоа што пропуштивме неколку добри прилики. Имаме квалитетна генерација која поседува одличен натпреварувачки и тимски дух и силно веруваме во нашиот квалитет. Нашата цел е јасна, на секој натпревар одиме на победа“ истакна Величковски по натпреварот.