Претстојниот викенд стартуваат возбудувањата во двете втори лиги. Се разбира дека далеку поинтересно е во ВМФЛ – ЗАПАД, каде покрај Силекс и Вардар, новакот во лигата, тимот на Воска Спорт стартува со нескриени амбиции за највисок пласман. Пролетниот дел во оваа конкуренција Воска ќе го започна како втора со минус 9 бода во однос на првиот Силекс и плус 3 бода пред Вардар.
Значи охриѓани имаат реални шанси да се борат за таа втора позиција која носи бараж за пласман во ПМФЛ.
Раде Цицмиловиќ, кој минатата есен имаше супер резултати за “Спортмедиа“ истакнува…
„Подготовките се одработија на најдобар можен начин. Сите играчи се подготвени за стартот на пролетниот дел. Засилувањата одлично се вклопија и сите ги имам на располагање. Успеавме да се засилиме со девет нови играчи, и тоа квалитетни. Имаат искуство и верувајте дека ќе прават разлика на теренот. Сметам дека пролетва Воска Спорт го има најквалитетниот тим во Лигата. Сите екипи се засилија, лигата е квалитетна, но верувајте дека Воска Спорт ќе се прашува многу оваа пролет, ние ќе се прашуваме каде ќе одат бодовите“ вели Цицмиловиќ.
Тој го пофали раководството на клубот што овозможило тимот и тоа како да се засили.
“Максимално сме подготвени, во тимот владее одлична хемија, имаме победнички менталитет, на секоја позиција имаме по двјца квалитетни играчи. Можеме да се бориме докрај за влез во ПМФЛ. Воска Спорт тоа го заслужува а најголемата заслуга оди кај газдата Нефи Усеини кој ми ги исполни сите желби околу засилувањата и ни овозможи одлични услови за работа. Овој проект без него секако дека нема да се реализира. Да го споменам и спортскиот директпр Артан Борова кој со неговата агилност има свој голем дел во овој проект на Воска Спорт“.
Во сабота охриѓани во првиот пролетен дел му гостуваат на Кадино.
“Да, гостуваме на тимот на Кадино. Секој меч, па и овој, ние максимално сериозно го сфаќаме и се освен победа за нас ќе неуспех. На секој меч, па и на овој Воска Спорт оди на победа и три бода. Имам целосна доверба во тимот предводен од капитенот Изаир Емини. Верувам дека и на овој, но и на сите до крајот, ќе ги радуваме нашите фанови“ заврши стратегот на Воска Спорт.