Бобан Николов уште еднаш покажа дека е еден од клучните играчи во тимот на Шериф Тираспол. Тим кој што есеноска играше во Лигата на Шампионите, а вчера во првиот меч од 1/16 финалето во Лигата на Европа, дома успеа да ја победи силната Брага со 2:0. И Николов се рабира беше во “елемент“, беше стартер и одигра 89.минути. Ова за него беше европски натпревар со најголема минутажа.
Само за „Спортмедиа“, нашиот репрезентативец, еден од нашите најдобри фудбалери, по вчерашниот меч и триумф над португалскиот тим,изјави…
“Одигравме квалитетно, јасно е дека Брага е силен тим, но сепак треба да се знае дека ние имаме зад себе оваа сезона во Европа и победа над Реал Мадрид и тоа на „Сантијаго Бернабеу“, така да и Шериф и тоа како поседува квалитет, тоа не е тајна. Предноста од 2:0 по синоќешниот меч е голема, но не и доволна. Имаме добра шанса, ние сме на чекор до пласман во 1/8 финалето, но не чека тешка битка во Португалија на реваншот“ посочи за читателите на „Спортмедиа“ нашиот интернационалец во дресот на Шериф Тираспол.
Добра вест за сите во нашата репрезентација пред бараж дуелот со Италија, а посебно за селекторот Благоја Милевски, е таа дека сега Николов е целосно фит. Минатата есен имаше проблеми со короната, па наиде и повредата, но сега е фит и спремен во добра форма да го дочека историскиот дуел во Палермо.