Горазд Михаилов: Силекс нема да се опушти, ништо уште не е готово!

413

Утре со мечевите од 16.коло стартува пролетниот дел во тековната сезона во ВМФЛ – ЗАПАД. Лидерот и есенскиот првак Силекс има убава предност од цели 9 бодови во однос на втората Воска Спорт и дури 12 бодови пред лутиот ривал Вардар. Сепак оваа предност не значи дека кратовци ќе влезат опуштено во пролетната полусезона.

Не, никако. Силекс нема да се опушти. Видете, има да се игра уште многу, цела пролет е пред нас и не смееме да си дозволиме луксуз се што сме граделе досега така лесно да го пропуштиме. Ништо уште не е готово. Уште на првиот меч со Гостивар утре на нашиот стадион ќе влеземе максимално, на секој меч ќе одиме на победа. Целта е што побргу и математички да го `завериме` враќањето во елитата“ вели Горазд Михаилов, шефот на струката на кратовци.

И тој е свесен дека Воска Спорт, па и Вардар, ќе гледаат да го искористат секој кикс на неговиот тим.

Токму затоа велам дека нема да дозволиме опуштање. Ги цениме ривалите, тоа се добри екипи, но сепак си ја гледаме нашата работа. Се засиливме со три нови имиња, квалитетот го подигнавме на уште повисоко ниво и јас се надевам на добри игри на Силекс и на враќање во елитата, таму каде што ни е местото. Тоа е нашиот приоритет. Тука е и Купот, ние сме во полуфиналето, и ако ни се укаже шанса секако дека нема да ја испуштиме да ја одбраниме титулата во ова натпреварување“ истакна стратегот на Силекс за “Спортмедиа“.

ПретходноГрчки голман постигна хет-трик и потсети на легендарниот Парагвајец (ВИДЕО)
СледноКуп на Македонија: МЗТ Скопје ја доби драмата со Гостивар за место во полуфинале (ФОТО)