Куп натпреварите навистина се посебни. И на втората четвртфинална пресметка видовме интересна пресметка, МЗТ Скопје и Гостивар ги исполнија очекувањата, на крајот во полуфиналето се пласираше бранителот на трофејот кој славеше со 87-85. Дарко Радуловиќ и неговите момци мечот го решија во последната четвртина, период во кој противникот првите поени ги постигна на три минути до крајот.
МЗТ Скопје во полуфиналето ќе игра против подобриот од Работнички и Феникс.
Мекиќ со 19 поени беше прв стрелец, следеше Рикиќ со 18 поени, зад него со еден поен помалку, но и девет скока, беше Крстевски. Кај Гостивар, Вокру имаше 27 поени, Ефремовски 20.
Првото полувреме мина во изедначена борба, сосема очекувано. Гостивар најави силен отпор, тоа го спроведе на дело. По првата четвртина беше 24-24, додека на одмор актуелниот првак имаше минимално водство од 48-47.
По одморот Гостивар отвори со серија од 2-13 и за првпат поведе со двоцифрени 50-60, по две и пол минути игра во овој дел. Беше и 55-65, МЗТ Скопје мака мачеше во овој период, реализацијата беше очајна. Крстевски и Рикиќ, а потоа Мекиќ, ја вратија неизвесноста за 68-68 пред крајот на третата четвртина.
По налетот Гостивар застана, пет и пол минути беа без постигнат поен во последната четвртина. На другата страна актуелниот првак одговори со серија од 14 поени, Рикиќ, Робев и Дамјан Стојановски. На пет минути, избраниците на Дарко Радуловиќ го запишаа првото двоцифрено водство на овој дуел, беше 82-71.
Ефремовски со тројка, во 37. минута го прекина „постот“. По поените на Крстевски за 84-74, Гостивар се разбуди, со серија од 9-0 намали на 84-83 на 30. секунди до крајот. Војдан Стојановски реализираше две слободни фрлања за 86-83, Вокру врати на ист начин за 86-85. Дамјан реализираше едно слободно фрлање, по што Гостивар не постигна тројка за пресврт.
Тимот од Аеродром направи чекор напред кон освојување на 11. Куп трофеј.