Ракометарите на Вардар вечерва во Нашице против Нексе ќе го одиграат и третиот меч од новата сезона во СЕХА Гаспром лигата. По поразот во Скопје во премиерното коло, „црвено-црните“ се надеваат на реванш против хрватскиот преставник.
Двете екипи го чекаат натпреварот во добро расположение. Нексе нема ниту еден пораз оваа година, а „црвено-црните“ со победите на гости кај Војводина во СЕХА и против Монпеље во Лигата на шампионите на ЕХФ успеаја да го поправат впечатокот по поразот на домашен терен од Нексе.
„Ќе играме со многу избалансиран тим на Вардар. Го видовме нивниот натпревар против Монпеље и свесни сме дека ова ќе биде еден тежок натпревар за нас. Целта е да го ротираме тимот што е можно повеќе“, вели тренерот на Нексе, Бранко Тамше.
Предводникот на Вардар, Давид Дејвис исто така очекува тежок меч.
„Очекувам тежок натпревар во Нашице. Имавме тежок натпревар на гости во Монпеље и ќе треба да најдеме начин и да се одмориме, но и да се подготвиме на најдобар можен начин за она што не чека. Чувствувам дека по оваа победа против Монпеље сите повеќе веруваат во овој нов систем што се обидуваме да го имплементираме. Ќе мораме да бидеме целосно фокусирани во петок и да го дадеме најдоброто од себе“.
Средбата почнува од 20 часот.