Затворени 24. ЗОИ во Пекинг: Ги надминавте поделбите и покажавте дека сите сме еднакви

183

По 16 дена возбудливи натпревари, на стадионот „Птичјо гнездо“ се одржа церемонијата на затворање на 24. Зимски олимписки игри во Пекинг.

Главната тема што се провлекуваше низ церемонијата на затворањето беа среќата и радоста, а тоа е сликата што домаќинот на Игрите и главниот режисер Џанг Јиму сакаше да му ја испрати на светот. На затворањето беа присутни и многу елементи од отворањето, како џиновската снегулка, а централниот дел на церемонијата беше дефиле на спортистите од сите земји учеснички на овие Олимписки игри.

„Свеченото затворање повеќе ќе биде фокусирано на олимпијците отколку на спектакуларни претстави. Олимпијадата е таму поради спортистите и сакам тие да се чувствуваат среќни за време на церемонијата. Сакам се да биде една голема забава и целиот свет да се радува на едно место, на стадионот“, изјави Џанг Јиму , главниот директор на свеченото затворање, непосредно пред почетокот.

На крајот на церемонијата, олимпиското знаме беше спуштено и предадено на Италија, домаќинот на следните Зимски олимписки игри во 2026 година, а крајот на Игрите официјално го објави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах . Следните Зимски олимписки игри ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година во италијанските градови Милано и Кортина д’Ампецо.

„Вие спортистите не само што се почитувавте туку и се поддржувавте, дури и се гушкавте иако вашите земји можеби се во конфликт. Ги надминавте поделбите и покажавте дека во оваа заедница сите сме еднакви без разлика како изгледавме и од каде сме дојдени и во што веруваме. Оваа обединувачка сила на олимпискиот дух е посилна на силите што се обидуваат да не поделат. Таа сила му дава сила на мирот. Нека политичките лидери се инспирираат од вашата порака за солидарност и мир“, порача на крајот претседателот на ИОК, а по неговиот говор беше изгаснат олимпискиот оган.

ПретходноПолувреме: Пепи Горгиев го “полни“ Скопје, без голови на дербито…
СледноЈокиќ: Не знам како ќе играме со Лука и двајцата сме дебели