Македонската кошаркарска репрезентација го одржа првиот тренинг во кратките подготовки за дуелите со Грузија. И овој пат проблемите не ги пресконаа „црвено-жолтите“, се чини овој пат истите ескалираа, особено за гостувањето во Тбилиси закажано за 24. овој месец.
Листата на кошаркари кои нема да можат да помогнат е голема, а селекторот, Драган Бајиќ, вели дека и покрај ова нема да бара алиби.
„Навистина не сакам да ги набројувам сите потешкотии кои ги имаме. Од првиот ден откако дојдов тука имам желба за работа, но едноставно имаме страшни проблеми од циклус во циклус кога е ростерот во прашање. Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме сите каква ни е моќта. Секако, јас како тренер нема да барам алиби за резултатите, што и да биде јас ја преземам одговорноста за се, но жал ми е за момците затоа што еднаш не можеме да сме сите заедно и да градиме еден хомоген тим“.
Исто како голем дел од момците, Бајиќ доаѓа после Куп обврските со својот тим Игокеа. По проблемот со визата за Косово, тој веќе утре ќе мора да замине за Истанбул од каде ќе отпатува за Тбилиси.
„На овој собир доаѓаме веднаш по завршување на Куп-натпреварувањата. Лошо е што во Македонија можеби настанот не беше поместен за ден-два па сите да бидат малку одморени од обврските и да тренираме. Не можам да работам многу кога говориме за тактичкиот дел. Проблем е исто така што и јас ќе морам да патувам за Тбилиси по друг пат, да патувам рано за Истанбул. Меѓутоа што е тука е, имаме и некои млади играчи на овој собир и ќе се обидеме да го извадиме најдобриот состав, затоа што навистина сме хендикепирани“.
Бајиќ потврди дека Стајиќ и Ѓуроски последни откажале, против Грузија ќе се обидат да направат состав, со кој ќе се покажат во добро светло.
„Добивме уште два нови откази, Стајиќ и Ѓуроски нема да играат, Дамјан Стојановски нема да игра, Андреј Магдевски нема да го имаме… навистина многу изостаноци и потешкотии имаме. Ќе се обидеме да извадиме подобар ростер и во Грузија да дадеме што е можно поголем отпор. Сигурно е дека против нас ќе имаме голем фаворит, но ако ни се даде шанса, верувам ќе знаеме да ја искористиме. Останавме со еден плејмејкер, тоа е Кристијан Николов. Имаме и млади играчи со кои полека ги пополнуваме позициите. Ако бевме комплетни може да се кажеше дека ќе даваме отпор голем или слично, сега ќе излеземе на терен без бело знаме и ќе видиме што ќе биде“.