Магдевски во трка со времето: Со медицинскиот тим правиме напори да играм во Скопје!

183

Андреј Магдевски е еден од кошаркарите на кои селекторот, Драган Бајиќ најверојатно нема да може да смета за дуелите против Грузија во рамките на првата фаза од квалификациите за Светското првенство 2023 година.

Македонскиот репрезентативец има повреда на ногата, која го мачи веќе два месеци. Магдевски е во Скопје и оди на терапии за санирање на истата. СПОРТМЕДИА го контактираше најдобриот кошаркар за изминатата година, тој сигурно нема да биде дел од експедицијата која утре заминува за Грузија, но е во трка со времето да се стави на располагање за реваншот во Скопје, на 27. овој месец. Иако шансите се мали, сепак Магдевски ќе стори се со медицинскиот тим да успее на време да се рехабилитира.

„Повредата веќе ме мачи два месеци, во Скопје сум дојден многу порано, одам на терапии. Во овој момент можам да потврдам дека нема да патувам за Грузија. Заедно со медицинскиот тим ги правиме сите напори за да можам да игра на вториот натпревар во Скопје“, изјави за СПОРТМЕДИА, Магдевски.

Македонија во Грузија и во Скопје ќе биде без помошта на Дамјан Стојановски, во Тбилиси нема да патува Ненад Димитријевиќ, но ќе биде во составот за реваншот во Скопје. Од стандардните репрезентативци, февруарските битки ќе ги прескокне Адем Мекиќ.

Македонија овој прв дел од квалификациите го стартуваше со два порази, од Шпанија во Скопје, и Украина на гостински терен.

ПретходноЃоковиќ ќе гради спортски комплекс на Јадранот вреден 300 милиони евра!
СледноБабиќ: Да го дадеме најдоброто од себе на мечот со Кадетен!