МЗТ Скопје не успеа да ја оправда фаворитската улога против ТФТ во финалето на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ и покрај тоа што има силен состав и оваа сезона.
Играта која македонскиот првак ја прикажа во салата „Кале“ беше далеку од очекувањата, а поразот беше само капка во „чашата“, па раководството на клубот ќе го стори неизбежното, ќе ја раскине соработката со Дарко Радуловиќ.
Младиот тренер одеше по „тенок мраз“, пред се поради променливите и неубедливи партии. Тимот од Аеродром во составот има врвни македонски репрезентативци и странски засилувања, кои заедно треба да изгледаат многу подобро од една бледа слика, која вчера ја видовме во Куп-финалето. ТФТ целосно ги надигра „сино-белите“ чија одбрана беше разнишана.
МЗТ Скопје ги доби дуелите со Гостивар и Феникс за место во завршницата, но исто во едно неубедливо издание, на „мускули“ стигна до финалната битка за пехарот. Ваквото издание предизвика незадоволство и кај фановите на „сино-белите“, кои бараат промена на тренерското место. По вчерашното фијаско не штедеа зборови на социјалните мрежи, испратија бројни критики на сметка на тимот, голем дел од „огнените стрели“ беа носочени кон Дарко Радулови.
Отказот е на врата, се чека потврда од раководството на тимот во текот на денешниот ден. Во МЗТ Скопје ќе мора брзо да регаираат и да најдат решение за клупата од постоечките кадри.