Македонската кошаркарска репрезентација во една хаотична ситуација ги стартува подготовките за дуелите со Грузија. По бројните играчки проблеми, дојде до неочкувана разврска со селекторот, Драган Бајиќ.
Нашата експедиција треба преку Приштина да патува за Грузија, но тоа ќе го стори без Бајиќ, кој за српските медиуми изјави дека има забрана за влез во Косово, па КФСМ бара ново решение за него, поточно нови билети.
„Јас сум шокиран од информацијата дека не ми е дозволено да влезам во Косово и тоа без објаснување. Ова е голем проблем за македонската федерација, бидејќи мораа да барат алтернативни решенија како да стигнам до Истанбул, од каде што после летаме кон Тбилиси. Решението е најдено, но ќе мора да пропуштам еден од двата предвидени тренинзи, бидејќи ќе мора порано да тргнат кон турската престолнина“, изјави Бајиќ за „Српски инфо“.