Голманот на Манчестер Јунајтед Давид де Геа призна дека сака да остане да игра за Манчестер Јунајтед уште многу години. 31-годишниот шпански чувар на мрежата беше поврзуван со трансфер минатата сезона по доаѓањето на Дин Хендерсон, меѓутоа тој остана на „Олд Трафорд“ и се уште е број 1 меѓу стативите.
Де Геа беше поврзуван со враќање во Атлетико Мадрид, па со трансфер во Реал Мадрид, но Шпанецот не планира во брзо време да ја напушти Англија.
„Убаво е што сум роден во Мадрид, но на крај тоа е само град. Во моментов се чувствувам многу добро во Манчестер. Каде што си задоволен и среќен, каде што те сакаат и почитуваат таму е твојот дом. Во Манчестер Јунајтед сум многу години, но со сигурност работите можат да се променат. Да бидам искрен, не планирам во брзо време да си заминам од Јунајтед. Се разбира дека се радувам што ќе се вратам дома и ќе се соочам со клубот кој ме направи играч каков што сум сега, но за мене тоа е само уште еден натпревар. Мојата цел е да играм добро и да победувам, без разлика дали е првенството или Лигата на шампионите“, изјави Де Геа за сајтот на УЕФА во пресрет на натпреварот меѓу Атлетико и Јунајтед (среда, 21:00 часот).
Шпанецот има осум „суви мрежи“ во 32 меча оваа сезона, а Јунајтед сака да ја продолжи соработката со него на уште една година активирајќи ја клаузулата која тој ја има во договорот.