Пишува: Зоран Ѓоршоски
Два тешки меча на стартот од пролетниот дел, дома со А. Пандев и на гости кај Работнички, лидерот на табелата, тимот на Шкупи, ги реши во своја корист. Освоени се шест максимални бода, задржана е предноста пред опасната Шкендија од +8 бодови. Тоа беше целта на чаирчани пред стартот на пролетниот дел.
Шкупи вчера на Арената во градското дерби, посебно во второто полувреме, беше подобар од Работнички. Создаде повеќе шанси, постигна еден гол, сосема доволно за победа и три бода.
Се гледа дека стратегот Гоце Седлоски знае што прави, а неговиот Шкупи и натаму силно маршира кон титулата.
Шампионот пак во Велес резултатски беше убедлив, во првата фаза од дуелот со Борец се мачеше, но потоа индивидуалниот квалитет дојде до израз на Шкендија, и тоа како. Победата од 0:3 на гости кај Борец по теренот со вештачка трева не е мала работа, но минусот во однос на лидерот и натаму никако да се намали.
Горгиев со трите голови, а потоа и Ангелов и Велиновски и ете Академија Пандев просто го „распарчи“ Скопје со 5:0. Што ли играа „пиратите“ во Струмица? Или “пандевци“ се толку силни.
Македонија ЃП од два меча осво шест бодови со два постигнати голови. Се гледа дека тренерот Мухарем Бајрами знае, нешто слично како и Седлоски, да го извади она најдоброто од “лавовите“ кои реално имаат многу добра екипа. Вчера Македонија ЃП славеше на гости кај силната Ренова.
Брегалница под водство на Илчо Ѓорѓиоски никако да победи. Ете и вчера во Струга ТЛ неговата чета одигра само нерешено. Прекрасниот гол на Босанчиќ не му дозволи на Илчо и неговите момци да се радуваат на трите бода.
А знаете ли каде претстојниот викенд игра Брегалница?
Во Ѓорче кај Македонија ЃП. Тешко дека и таму ќе слави три бода.
Тиквеш со судни маки успеа да го победи Пелистер, и тоа со гол во 89.минута.
Инаку цело коло мина во сенка на два настани. Првиот е дека во саботата во Велес немаше носилки, а вториот е скршеницата на раката на Томе Китановски од Струга ТЛ.