Вечерва се играат последните два меча од првата фаза од 1/8 финалето во Лигата на Шампионите. Мадрид и Лисабон ќе бидат домаќини на нови спектакуларни мечеви, но сепак дербито е на „Ванда Метрополитано“ каде Атлетико го дочекува Манчестер Јунајтед.
Досега овие две екипи само еднаш играле еден против друг на Евро сцената и тоа пред 30 години кога “јорганџиите“ беа поуспешни.
Атлетико во оваа фаза стигна по осми пат во последните девет години, додека гигантот од Англија за првпат од сезоната 2018/2019.
Чоло Симеоне си има големи проблеми со составот. Не може да смета на Коке, Куња, Вас, а Караско е по суспензија. Под знак прашање е настапот на Лемар и Хермосо.
Ралф Рангник нема да смета на Кавани, но затоа тука е Роналдо кој и тоа како знае да го „тресе“ Атлетико, барем така беше кога Португалецот играше за Реал Мадрид, кога „јорганџиите“ беа негови „пациенти“.
Тој против Атлетико има одиграно 35 меча, на нив постигнал 25 голови од кои три хет-трика.
Во Лисабон екипата на Бенфика го дочекува Ајакс во првиот меч од 1/8 финалето. Овој дуел е во сенка на оној во Мадрид, но затоа и тука се очекува супер – интересни и квалитетни 90 минути.