Милевски пред баражот со Италија: Не верувам во чуда, верувам во Македонија, верувам во фудбалерите!

570

Утре е 24 февруари, значи останува точно уште еден месец пред историскиот бараж дуел со Италија за пласман на СП во Катар 2022 кој се игра на 24 март во Палермо. Познато е, ако ја минеме оваа пречка не чека финален дуел со победникот од останатиот меч меѓу Португалија и Турција. Значи една од овие четири селекции, Македонија, Италија, Португалија и Турција ќе оди во Катар, ќе игра на Мундијалот.

Ова е доволен повод за да “Спортмедиа“ направи интервју со нашиот селектор Благоја Милевски.

-Какви се чувствата на еден месец пред историскиот меч во Палермо?

Нема некои посебни чувства. Ова е уште еден меч за нашата репрезентација, секако различен зошто е еден и само победата не носи понатаму. Се подготвуваме како и пред секој друг натпревар. Некој веќе го нарекоа историски, можеби е таков. За мене историски ќе биде ако се пласираме на СП и таму го одиграме првиот меч на Мундијалот, е тој ќе биде историски. Да додадам дека ќе има емоции, но тие не треба да бидат во преден план. Максимално се подготвуваме веќе подолго време, пред се мислам тука на себе и стручниот штаб, како и сите во репрезентацијата и нашата федерација“ вели Милевски.

May be an image of 1 person and indoor

 

СОБИРОТ Е НА 20 МАРТ….

-Кога е собирот на нашата репрезентација, како ќе се одвиваат подготовките?

Ова е термин на ФИФА и затоа мора да се прилагодиме на него. Се собираме на 20 март, значи нема да имаме многу денови за работа. На 22 март, значи два дена пред натпреварот, патуваме во Палермо, во самиот град ќе бидеме сместени. Се разбира дека ќе имаме и најмалку еден тренинг на `Ренцо Барбера`, на стадионот каде ќе се одигра мечот на 24 март. Добро знам дека цела наша јавност ќе биде со нас, сите ние ќе имаме победнички мисли, но сепак, да видиме, нема никакви ветувања. Може да ветиме само максимална борба“.

-Верува ли Милевски во чуда? Можеме ли да ја победиме Италија на нејзин терен?

Искрено јас не верувам во чуда. Но затоа верувам во Македонија, верувам во нашите фудбалери, нашата репрезентација, верувам во себе. Секако, Италија е фаворит. Актуелен европски првак, екстра квалитет поседува составот на мојот колега Роберто Манчини. Гледам, читам дека максимално го сфаќаат тие овој наш дуел. Тоа значи дека не респектираат. И треба, тоа е добро за нас. Италија можеби има екстра квалитетни поединци, тоа е факт, но ние како тим, како колектив поседуваме квалитет. Имаме и одлични поединци“.

May be an image of 2 people

 

МОЖЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ДА СЛАВИ ВО ПАЛЕРМО..

-Само по себе се наметнува прашањето дали може Македонија да слави во Палермо?

А, зошто да не? Само треба да веруваме во себе, како што реков претходно. Да, Италија е фаворит на хартија, но Македонија до тука дојде само по своја заслуга. Нас никој не ни го подари ова место во баражот. И кога е така тогаш тоа значи дека имаме квалитет за големи нешта.Пласманот во баражот е голем успех, но сакаме да направиме нешто повеќе. Јас лично сум оптимист. Имено иако добро знам против кого ќе играме, верувам во овие момци кои досега покажаа дека знаат како треба. Ова е фудбал, еден натпревар, се е можно..“ посочува нашиот селектор.

-Играме без Елмас и Костадинов, еве сега и Адеми се повреди?

За разлика од Италија која има голем фонд на играчи, ние го имаме тој ростер од 20-25 фудбалери, и затоа секоја повреда или суспензија ни прави проблем. Зарем треба да се каже дека силно ќе недостасува Елмас, дека ќе недостасува и Костадинов. Еве чекаме вести од Загреб за повредата на Адеми. Сепак, има уште еден месец дена до мечот, сите момци од репрезентацијата треба да одиграат најмалку по 5-6 натпревари. Списокот е тој, нема да има некои изненадувања. Сега не е време за експерименти. Најважно е играчите да бидат здрави, но без секого се може и се мора. Тоа е мотото на Благоја Милевски“ заврши нашиот селектор.

И ние, како и целата македонска јавност верува во Македонија, верува во оваа репрезентација, во самиот Милевски. Не криеме дека и ние сме оптимисти. Знаеме која е Италија, но сепак ова е фудбал, а оваа генерација на играчи покажа дека е создадена за големи работи.

ПретходноПо скандалозното однесување: Зверев исфрлен од турнирот во Акапулко! (ВИДЕО)
СледноПОЗНАТ СОСТАВОТ: Сонот на Вардар за нокаут фазата ќе живее со „одмазда“ на ППД Загреб