Македонскиот интернациоиналец Ѓоко Зајков во моментов е топ тема на нашата јавност. За жал не по добро. Тој во моментов е член на премиерлигашот од Украина, Ворслка Полтава, држава во која денеска започнаа воени дејствија.
Спортмедиа се обиде да дознае што е можно повеќе информации за ситуацијата во која што се наоѓа во моментов нашиот репрезентативец и истата е следнава.
Ѓоко Зајков е во моментов во Полтава, регион каде што нема никакви дејствија, и каде што ситуацијата е нормална. Утринава нашиот интернационалец нормално се јавил во клубот, каде што се добиени инструкции како фудбалетите да се однесуваат. Од она што Спортмедиа дознава, сите екипи од првата лига од Украина меѓу кои и Ворскла, на секој начин се обидуваат да заминат во друга земја, (најверојатно Турција, Анталија), но проблем секако во моментов е затворениот воздушен простор над Украина.
“Градот Полтава каде што се наоѓаме не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со мини бус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број на ресторани. Доколку има некои нови информации ќе се обидам да пренесам”. – изјави Ѓоко Зајков.
Сепак, клубовите на секаков начин се обидуваат да се извлечат од Украина и нормално да продолжат со тренинзи. Наскоро ќе имаме дополнителни информации околу ситуацијата, но најбитно е што во моментов Ѓоко Зајков, нашиот репрезентативец и интернационалец е на безбедно.