Македонската кошаркарска репрезентација со десеткуван тим на гостувањето кај Грузија не успеа да приреди изненадување, беше совладана со 91-70. „Црвено-жолтите“ го запишаа третиот пораз во првата квалификациска фаза за пласман на СП 2023 година и остануваат последни на табелата во групата Г.
Шанса за реванш нашите кошаркари ќе имаат за три дена, во „Борис Трајковски“ се домаќини на Грузија.
Шермандини и Мек Фејден беа лидери како што се очекуваше, заедно постигнаа 46 поени. Кај нас Војдан Стојановски имаше 15 поени, Робев 13, додека Крстевски запиша дабл-дабл од 11 поени и исто толку скока. Ефремовски беше четвртиот кошаркар со двоцифрена бројка, застана на 11 коша. Вајли на оваа средба имаше само осум поени.
Првата четвртина мина со осцилации, со тоа што избраниците на Александар Јончевски успеваа некако да одржуваат ритам. Грузијците беа предводени од Шермандини и Мек Фејден, кои во првото полувреме заедно постигнаа 32 поени.
Домаќинот поведе со 12-5, но Македонија дојде на 12-9, а потоа и на 14-13, но повторно го загуби чекорот, по првите десет минути беше 24-18. Причина за поразот е вториот период, по пет минути игра Грузија отвори со серија 12-2 дојде на плус 36-20, најголемата негатива беше 19 поени (46-27).
Нови лоши минути за Македонија и серија од 10-2 за водство на Грузија од 56-33 во 25 минута. Грешките се редеа, па немаше никаков простор за нешто повеќе. Згоран на се во третата четвртина се повреди и Митревски.
Последниот период беше само рутинска задача за домашниот состав и покрај тоа што Македонија заигра многу подобро, поведе со 72-47 и без проблем го приведе мечот за втората победа во овие квалификации.
На другата страна на Македонија и останува надежта дека во Скопје заедно со Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, можеби и Адем Мекиќ, ќе успее да и се реваншира на Грузија и да дојде до првата победа.