Боби Божиновски капитенот на Македонија ЃП вчера наполни 41 година. Важи за еден од рекордерите во нашата ПМФЛ во самостојна Македонија кој со своите години уште игра во нашата елитна лига, и тоа игра добро. Тој одамна е во кругот на оние највозрасните кои играле во ПМФЛ, и тоа како Саша Илиќ (43 години), Благоја Милевски (39), Антонио Нически (39)… ова се фудбалерите кои важат за рекордери во поново време, тука е Божиновски сега со 41 година.
И секогаш истото прашање, така беше и лани. Боби, до кога?
„Ха, ха, ха. И лани `Спортмедиа` ме праша истото. Па, еве, ќе ви одговорам. Здрав сум, водам спорстки живот, мислам дека можам уште да играм. Е, сега, зависи и од тоа што мојот клуб мисли. Сепак сметам дека преубаво ќе биде ако во мај со пехарот во Купот на Македонија да одам во пензија. Се разбира и да одиграм некоја минута за `лавовите` на евро -сцената, онака мераклиски. Такви се плановите, сепак ајде да видиме дали ќе се реализираат. Јас можам уште, без проблем, верувајте“ истакнува Божиновски за „Спортмеда“ која вчера му го честиташе 41-от роденден.
Инаку Божиновски е роден во „далечната“ 1981 година. Има играно за Вардар, Цементарница, Ветра и Судува (Литванија), Работнички, Локо Астана (Казахстан), Тетекс, Пелистер и сега веќе неколку сезони е во Македонија ЃП.
„Лавовите“ утре ги чека меч на свој терен против Брегалница. Што може да се очекува од овој натпревар.
„Факт е дека имаме навистина добар тим. Пролетва тргнавме одлично, две победи на двата меча. Брегалница ја почитуваме, таму тренер е Илчо Ѓорѓиоски, но Македонија ЃП не се откажала од тоа трето место на табелата во ПМФЛ. Значи одиме на победа на секој меч пролетва, па така и утре против квалитетниот состав на штипјани. Во секој случај очекувам интересно и квалитетно дерби“ изјави Божиновски.
ФОТО: Makedonija GP FB