За помалку од 30 минути во минатото коло, Пепи Горгиев му “стегна“ три гола на тимот на Скопје, одигра блескаво, токму затоа и беше прогласен за играч на 20.коло од „Спортмедиа“. Струмичани имаат во своите редови вистинска „гол – машина“, но утре Пепи и другарите ги чека вистински тест, гостување кај шампионот во меч од 21.коло.
„Многу добро знаеме каде гостуваме. Шкендија има одличен тим, пролетва на двата меча успеа да забележи две убедливи победи. Секоја чест за шампионот, но верувајте дека и А. Пандев има што да покаже на овој дерби натпревар утре под Шара“ вели Горгиев за „Спортмедиа“.
Оваа битка меѓу Шкендија и “пандевци“ е всушност битка и за таа втора позиција на табелата. Го запрашавме Горгиев дали може да се очекува некој негов гол и утре во мрежата на Шкендија, во мрежата на Костадин Захов.
“Уф, тоа би било прекрасно. Секој центарфор посакува на секој меч во серија да постигнува барем по еден гол. Не знам, не ветувам ништо. Ако ми се укаже шанса секако дека ќе се обидам да ја искористам, но најважно е ние како тим, како А. Пандев да дојде до добар резултат. Во втор план е кој ќе биде стрелец на гол(овите) против Шкендија“ заврши напаѓачот на струмичани.