Македонската кошаркарска репрезентација е поразена и на реванш дуелот со Грузија во рамките на 4. коло од првата квалификациска фаза за пласман на СП 2023 година, „црвено-жолтите“ на домашен терен беа совладани со 65-79 за пораз број четири.
Дефинитивно сликата од СЦ „Борис Трајковски“ беше поинаква за разлика од Тбилиси, но тоа не беше доволно за да урне Грузија, овој тим има надеж, но ќе биде потребно време за многу повеќе. Ненад Димитријевиќ се покажа како вистински лидер, но фалеше поддршка од останатите играчи, но и многу подобра реализација за три поени, бев под нивото, иако имаме добри шутери.
Кошаркарите добро тргнаа во дуелот, поведоа со 6-2 и 10-5. Ненад Димитријевиќ беше вистинско освежување на оваа средба. Во овој дел добро функционираше и одбраната. Страшниот тандем на противникот Шермандини и Мек Фејден, беа добро затворени, што пак вроди плод до пред крајот на првата четвртина.
По 21-18, Грузија со четири поени во низа, на стартот на вториот период за првпат поведе (21-22). Се играше кош за кош, избраниците на Александар Јончевски држеа чекор до 14. минута, по која Мек Фејден со тројка ги разбуди своите соиграчи. Грузија направи серија од 10-0 и поведе со двоцифрени 31-41 на минута и пол до полувремето. Со четири поени на Димитријевиќ, Македонија спушти на 35-43 на одморот.
Кошаркарите не дозволија дуелот да отиде во непосакуван правец, но ниту пак ги искористија шансите да дојдат до израмнување, па и да поведат. Македонија дојде на минус пет 49-54, во серија промаши од линијата за три поени. Грешките на противникот не се казнуваа максимално, имавме избрзани шутеви. Вајли се разбуди, од цепелинот и најдобрата акција на теренот, нашата репрезентација успеа да се доближи на 52-54 во 28 минута.
Грузија со четири поени во низа во последната четвртина дојде на плус пет (52-58). По серијата од шест нереализирани удари за три поени, Крстевски успеа да ја погоди само четвртата тројка за нас на оваа средба. Нашите слабости беа казнети, Грузија во 34. минута одново поведе со двоцифрено водство (57-67). Нашите кошаркари не се откажаа вратија со серија од 8-2 и намалија на 65-69.
Техничка грешка и серија промашувања, беа доволни за да Грузија почне сигурно да чекори кон победата, на минута и пол до крајот беше 65-77, недостижна разлика за пресврт.
Со овој пораз заврши сонот за пласман во следната рунда од овие квалификации, Македонија во последниот прозорец игра против Украина дома и Шпанија на гости.
Димитријевиќ со 25 поени, седум скока и 8 изгубени топки беше лидер, Војдан Стојановски имаше 13 поени, Бојан Крстевски запиша 11 поени и 8 скока, додека Вајли застана на 10. На другата страна Мек Фејден имаше 24 поени.