Војната која што се случува во Украина, односно нападот на Русија врз оваа земја направи да се стави се во втор план. Светските очи се вперени кон случувањата во оваа земја, и ретко кој не е засегнат. Сепак, најтешко им е на оние кои се директно вклучени во воениот кофликт и кои стравуваат за себе или за своите најбилски. Таков е случајот со напаѓачот на прволигашот од Бугарија, интернационалецот од Украина, Јевгениј Сердиук инаку соиграч на нашиот Влатко Дробаров. Тој на денешното гостување кај Локомотив Софија постигна два гола во триумфот од 0:3, а потоа заедно со Дробаров испратија моќан порака која е многу едноставна но во исто време и многу силна. „Не за војна во Украина“….
„Неговото семејство е директно инволвирано во воените дејствија, во одбраната на Украина. Тој е од Киев, а неговиот татко и брат во моментов се дел од одбраната на градот, со оружје во рацете. Не можам ниту да замислам како се чувствува во моментов, но ете смогна сили во моментов да е дел од нас, да ни помогне и да биде што се вели на висина на задачата. Ваквите луѓе ми ја враќаат довербата во човештвото и во помислата дека на ова лудило треба веднаш да му се стави крај“ – ни изјави Влатко Дробаров.