Воска Спорт сега е во потера по Силекс, сака директен пласман во ПМФЛ!

1615

Два меча и две победи, освоени се сите шест бода на дуелите со Кадино на гости и со Охрид “дома“ во градското дерби во ВМФЛ – ЗАПАД. Воска Спорт пролетва стартуваше според желбите на стратегот Раде Цицмиловиќ, но и според најавите како и амбициите на сите во клубот. Најважно за нив е што разликата меѓу Воска Спорт и Вардар сега е пет бода, а се знае дека во третиот круг вардарци гостуваат во Охрид.

Од друга страна лидерот Силекс направи два кикса, и сега има само 5 бода предност пред Воска Спорт, а до крајот се играат уште 10 кола.

Дали ова е шансата за охриѓани да ја почнат потерата по кратовци, со цел да дојдат до директен пласман во ПМФЛ.

За ова свој коментар има токму Цицмиловиќ за „Спортмедиа“…

Неочекувано Силекс двапати ремизираше и со тоа ние ја намаливме разликата во однос на лидерот. За нас важно е на крајот да бидеме втори, пред Вардар, да бидеме во баражот за пласман во ПМФЛ. Сепак, сепак, тие пет бода не се премногу и ако дојдеме на два-три бода до Силекс тогаш во последното коло во Кратово се е можно. Воска не крие, Воска сега сака директен пласман во нашата фудбалска елита. На крајот ќе видиме каде ќе завршиме на табелата. Јас реков токму за `Спортмедиа` дека ние оваа пролет го имаме најдобриот тим во ВМФЛ – ЗАПАД и тој тим треба да се бори за првото место. Тука нема дилеми“ констатира Цицмиловиќ.

Во саботата неговиот тим веројатно потешко од очекувањата стигна до трите бода во градското дерби. Емини од пенал во последните секунди од средбата донесе екстра важна победа. Таа победа стрелецот и капитенот Изаир Емини му ја посвети на газдата на клубот Нефи Усеини.

Прво тоа е убав гест на нашиот капитен. Се знае кој е најзаслужен што ние сме тука каде што сме сега. Инаку за мечот со Охрид што да се каже? Секогаш градските дербија се неизвесни, тука има мотиви до небо, сега секој сака да ја победи Воска Спорт. Тоа е убаво, спортски. Но, и ние сакаме секого да победиме. Мислам дека по се она што се случуваше во саботата на дербито мојот тим апсолутно заслужено победи и освои големи три бода. Честитки за нашите играчи за играта, желбата и секако на победата. Воска Спорт нема намера тука да застане. До крајот се играат уште десет кола, и ние имаме намера на сите 10 да победиме“ заврши стратегот на Воска Спорт.

ПретходноПолувреме во Охрид: Здравевски донесе водство за Пелистер, Ренова преку Таипи израмни на 1:1!
СледноОхрид и официјално се жали на судењето на саботното градско дерби! (ВИДЕО)