Тимот на Работнички пред одигрувањето на викенд колото, имаше императив на победа пред себе. Едноставно така наложија околностите во моментов. Мораше да се освојат бодови, на едно од најтешките места во ПМФЛ, на Автокоманда кај Скопје. И се случи токму тоа. Со голот на Методиј Максимов, Работнички успеа да обезбеди злато вредни три бода, кои пролетва многу значат за тимот од Гратски парк.
„Задоволен сум од тимскиот настап. Фудбалерите ги испочитуваа сите тактички замисли и покажаа максимална борбеност. Работнички покажа дека има победнички карактер на „Автокоманда“. Не е лесно да се совлада Скопје на гости, а дополнителен товар беше и тешкиот и каллив терен. Но, успеавме да постигнеме погодок и да ги неутрализираме речиси сите закани кон нашиот гол. Но, овој триумф го оставаме зад нас и веќе сме фокусирани на следниот предизвик. В недела ни гостува Шкендија. Би сакал да се претставиме во исто издание и на овој дуел“, вели шефот на стручниот штаб на Работнички, Борче Христов.