Поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Ригоберт Сонг е нов селектор на Камерун. Сонг (45) седнува на местото на Тони Консеисао.
Куриозитет во овој случај е тоа што именувањето доаѓа директно од претседателот на Камерун, изјави министерот за спорт на земјата, Нарцис Муле Комби.
„По инструкции на претседателот на Републиката, селекторот на машката репрезентација – Антонио Консеисао беше заменет од Ригоберт Сонг. Камерунската фудбалска федерација е поканета да ги преземе неопходните мерки за брзо и хармонично спроведување на овие директиви на високо ниво“, рече министерот за спорт на Камерун.
Се уште не е јасно како ФИФА ќе реагира на случајот, чии правила строго забрануваат политичко мешање во фудбалските федерации.
Ригоберт Сонг играше за Ливерпул во 1999 и 2000 година. Пред тоа дефанзивецот ги бранеше боите на Мец и Салернитана. Има настапувано и за Вест Хем, Келн, Ленс, Галатасарај и Трабзонспор. Сонг е рекордер за репрезентацијата на Камерун. Тој има 137 натпревари за својата земја.