Е.Пелистер кај Татабања во „лов“ по нови бодови, чека кикс на Ним за превземање на врвот!

162

Е.Пелистер денеска (18:45 часот) и гостува на Татабања во рамките на деветото коло во Европската лига. Единствениот македонски претставник во ова натпреварување со победа на оваа средба и пораз на Ним на домашен терен од Кедетен може да се искачи на првото место на табелата во својата група.

Битолчани на првата средба славеа убедливо со 33-20, унгарскиот тим предводен од поранешниот македонски селектор, Драган Ѓукиќ беше под нивото.

Сепак нема да биде лесно за Е.Пелистер. Жељко Бабиќ на оваа средба нема да смета на тројца бекови. Во Битола останаа Рение Табоада, Мартин Велковски и Немања Обрадовиќ, поради здравствени проблеми. Во составот се вратија Гоце Ојлески и Божиќ-Павлетиќ, па македонскиот вицепрвак ќе има доволно оружје за да се врати со целиот плен.

Бабиќ е претпазлив пред овој натпревар, потенцира дека не смее да се потцени противникот.

„Ништо не е готово, уште сè е отворено. Имаме уште две кола, а математички уште не го обезбедивме ни осминафиналето. Така да мораме да останеме фокусирани, ментално цврсти, да размислуваме секој за своите задачи и да го потврдиме тоа што нè краси – тимската игра. Имав искуства и претходно и за жал губевме натпревари кога споредувавме што било претходно. Ова е нов натпревар. Во Битола бевме во налет, во позитивна серија и одигравме многу добро. Сега имаме доста проблеми и никој не смее да размислува во тој правец дека тоа ќе биде ист натпревар. Татабања е одличен и подвижен тим. Имаат технички добри ракометари кои играат „еден на еден“, а имаат и одличен тренер. Точно е дека немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми во клубот и затоа се малку подолу на табелата. Сепак, заслужуваат респект и ни следи баш европски натпревар“, изјави Бабиќ. 

ПретходноИзбега од војната во Украина, па дебитираше на ВТА турнирот на 15 години
СледноЈунајтед најде замена за Кристијано Роналдо во Наполи