Феникс и Трајковски го најдоа лекот за Пелистер: Лидерот на колена пред дебитантот

386

Дебитантот одигра уште еден феноменален натпревар оваа сезона, зеде скалп на уште еден фаворит за титулата во Првата лига. Ни повеќе, ни помалку, Феникс го урна лидерот, и не само тоа, успеа да стане првиот тим кој оваа сезона успеал да го порази Пелистер. Битолчани беа совладани со 73-70, ова е прв пораз после 15 меча.

Екс-играчот на Пелистер беше лидер на оваа средба. Бојан Трајковски запиша 19 поени, 9 скока три асистенции и исто толку блокади. Михајловски со дабл-дабл од 16 поени и 10 скока беше втор стрелец кај победникот.

Битолчани во Скопје се чини дојдоа со пред време запишани бодови, но наидоа на силен отпор, кошаркарите на Феникс одиграа цврсто во одбраната, го искористија отсуството на најдобриот играч на Пелистер, Кесар.

Гостите беа во водство само во првата четвртина, пред крајот на истата имаа позитива од седум поени (16-23), истата заврши со 18-23. Следеа перфектни десет минути на домашниот состав, вториот период го добија со 23-9, предводени од искусниот Трајковски на одморот заминаа со позитива од 41-32.

Со тројката на Петков на стартот на третата четвртина Феникс го запиша првото двоцифрено водство 44-32. И покрај обидите на противникот да го наруши ритамот, дебитантот остана цврст, добро знаеше што сака на оваа средба. На другата страна Пелистер беше целосно изгубен, далеку беше од нивото на еден лидер.

Ѓуроски со тројка и Младеновиќ од положување ја вратија неизвесноста, намалија на 61-58 во 36 минута. Михајловски го прекина налетот на битолчани, гостинската клупа доби и техничка грешка, па Феникс зголеми на 67-58 на две и пол минути до крајот. Пелистер дојде на минус пет на минута до крајот, се обиде со пресинг и брзи фаули да приреди пресврт, но доцна се разбуди.

Домашниот тим сосема заслужено се радуваше на деветата победа во Првата лига.

ПретходноБрилијантна партија на Митревски, реми на Порто во Германија (ВИДЕО)
СледноАбрамович ќе му прости на Челзи долг од 1,5 милијарди фунти!?