МЗТ Скопје по изгубениот трофеј во Купот на Македонија направи промени на клупата, во Аеродром се врати Александар Петровиќ, кој според раководството на клубот во моментов нуди сигурност за цврсто чекорење кон целта.
„Се решивме на еден ваков чекор по поразот во финалето на Купот на Македонија. Искуството на Александар Петровиќ ни дава сигурност да одиме кон зацртаните цели, а тоа е титулата во домашното првенство, како и главната цел – враќање во АБА 1-лига“, изјави извршниот директор на МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски.
Тој посочи дека актуелниот македонски првак е во конкуренција за организација на завршниот турнир во АБА 2-лига.
„Сараево, Белград и Скопје се трите градови кои конкурираат за организација на завршниот турнир во АБА 2-лига“, откри првиот човек на клубот.
Во изминатиот период, МЗТ Скопје ниту еднаш не конкурираше за ваков голем настан, секогаш бил гостин на турнирите. Со ова новото раководство најави дека имаат јасна визија – МЗТ Скопје да биде на уште поголемо ниво, а во Скопје да се врати вистинската јадранска кошарка.
Актуелниот македонски првак е на добар пат да го стори тоа, се наоѓа на второто место на табелата во второлигашкото јадранско натпреварување со 18 бода, еден помалку од лидерот Борац Бања Лука.