Додека се уште ја лекува повредата на мускулот поради која не играше против Монца, а ќе го нема и утре на мечот на Парма против Реџина, нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев во интервју за „Спортиталија“ зборуваше за неговата кариера во Италија и за очекувањата од полусезоната која треба да ја помине во Парма.
„Сè уште сакам да победувам. Верувам во Серија А со Парма. Не размислувам за минатото, фокусиран сум само на сегашноста. Не можам да кажам кој ќе ја освои Сеерија Б, затоа што има прилично неред од 6 или 7 екипи кои ќе се борат за првите две места до крајот. Најсилен е Лече, но не е сигурно дека секогаш победува најсилниот“, вели Пандев.
Пред микрофонот на „Спортиталија“, нашиот Гранде зборуваше и за своите денови во останатите клубови во Италија, но и даде прогноза за годинешната сезона.
„Наполи може да го освои Скудетото. Интер и Милан испуштија многу натпревари, со што им се дадоа шанса на наполитанците. Интер е фаворит, имаше многу натпревари и тимот е малку уморен. Се виде во последните неколку натпревари. Ако ме прашувате за мојот настап за Интер во 2010 година, ќе кажам дека за да играв за тој тим, ќе играв и како бек. Купот на Италија со Наполи беше нешто незаборавно. Се чинеше дека ја освоивме Лигата на шампионите поради ентузијазмот. Тоа што го доживеав таму, не сум го доживеал ни со Интер по Скудетото и Лигата на шампионите. Се вративме во Неапол по финалето, луѓето беа излезени да не поздрават. Тие навистина го сакаат тој дрес. Во Лацио, пак, ги имав најдобрите партии во кариерата“, вели нашиот ветеран.