Само неколку дена откако стигнаа суспензиите за руските спортски клубови од европските натпреварувања, голем дел од интернационалницте кои настапуваат во Русија полека ги напуштаат клубовите. Екипата на Автодор Саратов каде како прв тренер работеше нашиот Емил Рајковиќ, и официјално беше исфрлена од ФИБА Европа Купот.
Рајковиќ со порака на својот Инстаграм профил и официјално му се заблагодари на клубот за досегашната соработка и го најави своето заминување.
„Тажно е што сезоната за некои од нас во тимот заврши предвреме, но горд сум што ја водам оваа екипа која покажа победнички менталитет и беше решена да го постигне најголемиот успех во историјата на Автодор Саратов. Знам дека нашите верни навивачи уште многу години ќе го паметат овој прекрасен тим, кој секоја вечер го даваше својот максимум во Кристал Арената и на сите терени во Европа и Русија. Топ 4 во ВТБ лигата и првото место во ФИБА Европа купот на 3 март е одличен резултат, но освојувањето на срцата на нашите, па дури и на многу неутрални навивачи во Русија беше нашата најголема победа оваа сезона. Ви благодарам Саратов“, напиша Рајковиќ.