Ракометарките имаат шанса за реванш: Ќе биде убаво да победиме, девојките во Целје покажаа храброст!

204

Македонската женска ракометна репрезентација денеска (18 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ го игра реванш мечот против Словенија во рамките на ЕХФ Купот. Избраничките на Љубомир Савевски се покажаа во одлично издание во Целје, иако имаат негатива во првиот дел, во финишот имаа шанса да се изборат за реми, Гичевски не реализираше седмерец.

Предводникот на „црвено-жолтите“ би сакал денеска да излезат како победници, поради храбрата и пожртвувана игра на првата средба. Истовремено резултатот ќе биде дополнителен мотив пред настапот на ЕП 2022, чиј домаќин е токму Скопје.

“Резултатот во Словенија е плод на желбата за успех и квалитетот на ракометарките. Ќе бидам среќен ако ја повториме играта од првиот натпревар. Во моментов резултатот е во втор план, би било убаво да победиме што ќе биде дополнителен мотив за екипата да напредува уште повеќе. Во досегашниот тек од натпреварувањето ракометарките покажаа дека имаат талент, имаат квалитет само е потребно време и место тоа да го докажат.

Во Целје покажаа храброст, истрајност и карактер. Во еден момент имавме негатива од пет гола, но ние се вративме во мечот и до крајот игравме гол за гол. Искрено јас се чувствувам како да победивме, за мене тоа е голем плус и доказ дека сме на вистинскиот пат. Имаме уште многу работа, но ако продолжиме вака сигурно дека не чека добра иднина”, изјави Савевски.

ПретходноНова добра партија на искусниот голман: Митревски е во друга димензија!
СледноПеп Гвардиола им се налути на новинарите, па призна дека има проблем!