Пишува: Зоран Ѓоршоски
По барањата за радикални промени во Вардар, како што велат нашите информации, раководството на клубот одлучило како прва мерка да има смена на тренерската клупа. Имено Никола Глигоров, младиот стратег кој очигледно е дека не може да се снајде, а тоа го велат резултатите, е пред смена. Исто така дознаваме дека прв пик за нов шеф на струката на нашиот најтрофеен клуб, сега второлигаш, е Мирсад Јонуз. Не треба да се трошат зборови за тоа кој е Јонуз. Тој е некогашен голман на Вардар, но и на многу други клубови. Јонуз е поранешен селектор на нашата млада репрезентација, поранешен селектор на А- репрезентацијата на Македонија, тренер на повеќе наши клубови, но и тренер со успешна интернационална кариера.
Се чини дека тој е човекот кој би можел и тоа како во овој момент да го “стегне“ тимот и во следните девет кола да биде конкурентен за второто место или баражот.
Инаку како што дознаваме начелните преговори меѓу Вардар и Јонуз веќе се започнати, засега тој е прв пик, до вечерва или најдоцна до утре би требало да се знае дали и дефинитивно Мирсад Јонуз ќе биде новиот стратег на Вардар.