Иако пред стартот на првенството во ВМФЛ – ИСТОК на Слога Виница никој не и даваше шанси во битката за врвот, секако дека тука фаворити беа Победа и Беласица, па и Каменица Саса, сепак лидер на табелата по вториот круг е токму Слога Виница.
Скромните Виничани предводени од одличниот тренер Никола Кузманов сега во третиот “бергер“ круг влегуваат како лидери и тоа со предност од два бода во однос на Победа, четири бода пред Беласица и дури пет пред Каменица Саса.
И затоа се поставува прашањето дали Слога Виница следната сезона ќе игра во ПМФЛ.
„Па, секако дека тоа што оваа сезона го постигнавме за нас е голем успех, но ние не застануваме тука. Да бидеш пред Победа и Беласица е тоа навистина е голема работа. До тука дојдовме благодарение на сите во клубот, пред се играчите, а голема помош имаме и од нашите фанови. Цела Виница живее за фудбалот. Прва лига? Искрено не се оптоваруваме, знаеме колку вредиме, има уште многу да се игра, но ако ни се укаже шанса секако дека ќе ја зграпчиме“ вели Кузманов за „Спортмедиа“.
Во тие девет кола од третиот круг кој стартува следниот викенд, Слога Виница игра дома со Пехчево, Детонит, ТИМ Локомотива, Каменица Саса и во последното коло на 14 мај со Победа. Додека гостува кај Кожуф, Братство, Осогово и Беласица.
“Има да се играат уште девет кола, имаме бодовна предност, но како што кажав има уште многу, многу да се игра. Секако дека распоредот ни оди во прилог зошто од тие екипи кои се борат за врвот со две играме дома а само кај Беласица гостуваме. Од друга страна во тие девет меча нема лесни натпревари, сите за нас ќе бидат тешки. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар па ќе видиме на крајот каде ќе завршиме“ истакна Кузманов.