Екипата на Пелистер не дозволи ново изненадување. По поразот од дебитантот Феникс, битолскиот тим брзо се рехабилитираше, на гостувањето кај ослабениот Куманово славеше со 60-79 во последниот меч од 17. коло во Првата лига.
Со новите бодови, Пелистер одново му побегна на МЗТ Скопје, има 33 бода, два повеќе од актуелниот македонски првак.
Куманово имаше сили само за едно полувреме. По десет минути игра водеше со 17-12, дојде и до двоцифрена позитива од 31-21 во 17. минута, но гостите брзо се вратија во дуелот, на одморот се изборија минимално водство од 31-33.
Решавачка беше третата четвртина, Пелистер ја доби со 14-28, доволно за да го урне отпорот на противникот.
Во составот на битолчани се врати Кесар, заедно со Малешевиќ беа најзаслужни за триумфот. Првиот постигна 23 поени, додека вториот 18 поени. Андрејевиќ со 16 поени беше најдобар кај домаќинот.
За Куманово ова беше 13. пораз оваа сезона, има само четири победи, додека пак за Пелистер ова беше 16. победа.