Е.Пелистер вечерва (18:45 часот) на домашен терен го пречекува тимот на АЕК Атина во последното коло од групната фаза во Европската лига. Битолчани со победа треба да го потврдат пласманот во осминафиналето, а за тоа ги имаат сите услови, билетите за оваа средба се распродадени. Салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета според дозволениот капацитет, па сите во Битола очекуваат триумф над грчкиот состав.
Првата средба во Атина заврши во корист на Е.Пелистер (30-27). Македонскиот вице првак има 10 бода, додека пак противникот е петти со осум бодови, па шансата за следната рунда и натаму постои.
„Ова е многу важен натпревар за нас, бидејќи сè ќе се решава во последната рунда од групната фаза. Го анализиравме ривалот, веќе ни е попознат бидејќи одигравме еден натпревар против нив. Се припремавме добро досега, имаме уште два тренинзи до дуелот и мораме да одиме на победа.
АЕК е тактичко добро подготвена екипа, многу се борбени и не се предаваат во ниту еден момент. Имаат голема сплотеност и покажуваат голема борба со многуте искусни играчи. Играат со стил кој ние го анализиравме, не може премногу да се менува од првиот натпревар, како тие, така и ние. Ќе одиме да се надигруваме, па подобриот нека победи. Напорен период е со многу натпревари. Се обидуваме колку што можеме да се одржиме во најдобра физичка форма. Навистина е тешко и напорно, ама го даваме својот максимум за да бидеме спремни за секој натпревар“, изјави Марко Кизиќ пред дуелот.