Синоќа тимот на Тотенхем ја покажа сета своја сила во моментов, победувајќи го Евертон до 5:0 на домашен терен и на тој начин покажувајќи дека и тоа како е подготвен да се бори за ТОП 4 место во Премиер лигата сезонава.
Менаџерот Антонио Конте беше исклучително задоволен од настапот на неговите избраници по мечот, и изјави дека неговиот тим игра се подобро и подобро.
„Заработивме многу вредни три бода. Ќе се бориме до крајот за да бидеме што погоре во поредокот. Играме подобро и секако сакаме да учествуваме во битката за ТОП 4. Мора да се бориме за место во Лигата на шампионите. Тоа нема да биде лесно, но подготвени сме за оваа трка“, коментираше Конте по натпреварот со Евертон синоќа.
Италијанскиот стратег изрази задоволство од доведувањето на Дејан Кулушевски и Родриго Бентанкур од Јувентус пваа зима и смета дека со овие засилувања Тотенхем е многу посилен.
„Кога пристигнав во Тотенхем не знаев што да очекувам, но по четири месеци напорна работа имам избалансиран тим и сега моите очекувања се поголеми“, изјави Конте.
Тотенхем викендов гостува кај Манчестер Јунајтед во пресметка со директниот ривал за Топ 4.
„Овој натпревар треба да одговори на прашањето дали сме подготвени за нешто големо и дали навистина одиме напред. Мора да покажеме упорност во нашите настапи, инаку повторно ќе почнеме да назадуваме резултатски“, додаде Конте.