Утре во 21:00 часот во реваншот од осминафиналето на ЛШ екипата на Реал Мадрид ќе го пречека ПСЖ. На првиот натпревар славеше ПСЖ со 1:0 со голот на Килијан Мбапе чиј настап на „Бернабеу“ е под знак прашалник поради повреда на стапалото.
„Историјата на Бернабеу вели дека секогаш големите играчи биле пречекувани со аплауз. Така ќе биде дочекан и Мбапе. Навивачите на Реал сакаат добри играчи, сакаат Реал да победува и да игра добро“, кажа тренерот Карло Анчелоти на прес-конференцијата.
„На првиот меч го видовме ПСЖ во најдобро издание, а утре ќе го видите Реал Мадрид во најдобро издание. Карим е во добра состојба и повторно е оној Карим од пред повредата. Крос ќе игра иако не е 100 отсто спремен. А за тоа од кого се плашам? Не размислувам за тоа, размислувам за тоа што треба да направиме за да освоиме топка, да добиеме дуел, како да притиснеме… Обично пред мечевите размислувам за тоа што ние мораме да направиме, а не што треба да избегнуваме. Планот кој го имаме не е само за Мбапе, туку и за Нејмар, Меси и другите играчи на ПСЖ. Треба да одржуваме високо ниво на играта во сите 90 минути и да одиграме тимски, со топка и без неа. Мораме да бидеме интелегентни, мораме да го добиеме мечот, а не смееме да лудуваме“, заклучи Италијанецот.