Името на легендарниот стадион на Барселона „Камп Ноу“ ќе биде сменето за првпат во неговата историја и објектот во иднина ќе се вика „Спотифај Ноу Камп“, пренесува весникот „Марка“.
Промената е дел од зделката меѓу каталонскиот гигант и гигантот за стриминг на музика, вредна 280 милиони евра. Според информациите, Барселона во следните три сезони ќе добива нешто помалку од 100 милиони евра годишно, но за возврат ќе треба да го додаде името на Спотифај на својот стадион. Дополнително, логото на компанијата ќе биде поставено и на дресовите на машкиот и женскиот тим на Барса.
Се очекува договорот да реши дел од тешките финансиски проблеми на Барселона и да му овозможи на клубот да биде активен во летниот преоден рок по завршувањето на сезоната.