Вардар победнички во осминафиналето, дебакл на Елверум во Скопје (ФОТО)

703

Вардар 1961 запиша победа на последниот меч од групната фаза во Лигата на шампиони, на домашен терен го совлада Елверум со убедливи 39-30 (17-16) и го исполни ветувањето кон своите фанови. Освен првите 15. минути во второто полувреме, во преостанатиот дел од мечот доминираа избраницита на Давид Дејвис, кој пак продолжи без пораз во ЛШ по неговото доаѓање на клупата.

По поразот на ППД Загреб, дуелот во СЦ „Јане Сандански“ немаше резултатско значење ниту за гостинскиот состав, кој од шестото место оди во следната рунда, додека македонскиот првак како петтопласиран. Во осминафиналето „црвено-црните“ ќе играат против Веспрем, првиот меч го играат на домашен терен (30. март).

Ваквиот расплет даде поинаков тек на мечот, без притисок играа и двата тима, а доминираше Вардар 1961. Отвори со 4-0 по само четири минути игра, ги казни грешките на Елверум, кој ги имаше седум. Македонскиот првак водеше и со 6-2. Иако голманите (Томовски, а потоа Гогов) не беа на ниво на задачата и имаа само две одбрани заедно, сепак „црвено-црните“ одржуваа ритам, пропуштија шанса за плус пет на двапати. Во самиот финиш по промашувањето на Стоилов, Елверум успеа да намали на 17-16.

Сликата на теренот се промени. Вардар не тргна според планот во вториот дел, Елверум отвори со 4-1 и дојде на 18-21 во 37. минута. Гостите имаа и 19-22 и 20-23. По две исклучувања кај противникот, македонскиот првак се врати целосно во мечот, со серија од четири гола (Оливие и Кевин Њокас, Валчак и Џукиќ) го врати водството, 27-25 во 49. минута.

Томовски ја запиша петата одбрана, Вардар зголеми на плус три (30-27). „Црвено-црните“ не дозволија поинаков тек, со погодокот на Стоилов, на асистенција на Додиќе, водството беше 32-38 на шест минути до крајот. Вардар 1961 продолжи во силен ритам, Елверум се распадна, Тото, Валчак и Џукиќ зголемија на 39-30. Тука почна славјето во СЦ „Јане Сандански“.

Дибиров со седум гола беше прв стрелец, Оливие имаше шест, неговиот брат Кевин запиша еден помалку. Томовски се разбуди кога беше најпотребно, мечот го заврши со девет одбрани, осум во второто полувреме.

ПретходноПех за Лестер: Варди се повреди и ќе паузира еден месец
СледноБраво Тимчо Муцунски – Општина Аеродром е нов спонзор на Вардар 1961