Вардар 1961 вечерва (20:45 часот) на домашен терен го пречекува Елверум во рамките на последното коло од групната фаза. За македонскиот првак резултатот нема никакво значење, без разлика на крајниот епилог во СЦ „Јане Сандански“ останува на петото место на табелата и во осминафиналето во Лигата на шампиони ќе игра против Веспрем.
Иако не се под притисок, сепак избраниците на Давид Дејвис, ќе влезат максимално во овој дуел. Имаат обврска кон своите навивачи, но и сакаат со победа да стават печат на пласманот во следната фаза. Добрата игра ќе биде од големо значење пред пресметката со Веспрем, тим за кого ќе треба да биде перфектни.
Добра вест е што во составот се враќа и Анте Гаџа, кој поради повреда беше надвор од терените, па сега ротацијата ќе биде поголема.
„Мора да продолжиме со работа, иако ќе останаме на петото место без разлика на резултатот од дуелот со Елверум, за нас овој меч е важен. Имаме за противник тим кој игра добро на гостински терен и на кого му требаат бодови. За нас ова ќе биде тест да видиме до каде сме. Играме на домашен терен и секако одиме на победа.
Анте Гаџа се враќа и можеби ќе игра, а Додиќ веќе некое време тренира со нас и ќе настапи со Елверум. Ние гледаме да дојдеме до победата, без разлика кој ќе игра“, изјави Дејвис.
Првата средба меѓу овие два тима оваа сезона заврши без победник (27-27). Победа на Вардар ќе значи и помош за ППД Загреб, кој во едно вакцо сценарио, со реми или триумф ќе се најде во осминафиналето во ЛШ.