Матлиески: Алкалоид има силен тим, ние ќе се обидеме да останат фаворити на хартија!

187

Претпоследното коло од регуларниот дел во Првата ракометна лига го носи натпреварот кој ќе одлучи кој тим ќе заврши на лидерската позиција после регуларниот тек од првенството.

Домаќинот Голден Арт утре го пречекува големиот ривал, Алкалоид, во СЦ „Јане Сандански”. По досегашните 16 кола двата тима се на врвот на табелата, каде што лидер е гостинот со три бодови предност. Првиот меѓусебен дуел заврши нерешено, со многу пресврти и возбудувања.

Еден од носителите на играта во домашниот тим и реализатор на израмнувачкиот гол на првиот меѓусебен натпревар кој се играше во СЦ „Борис Трајковски”, Давид Даев, очекува нова тешка битка.

„Не очекува тежок, неизвесен и квалитетен натпревар со лидерот на табелата. Екипа полна со репрезентативно искуство од сениорската и јуниорските категории. Во првиот дуел на гостински терен борбата и мотивираноста на нашиот тим се покажа беше решавачка за позитивен резултат, но мора да бидеме реални, многу работи се сменети од тој натпревар. Тие се фаворити во секој поглед, но нашата борбеност им е добро позната. Голден Арт има свој квалитет и ќе направиме се што е во наша моќ да го прикажеме клубот во вистинско светло. Се надевам на фер и коректен натпревар, па нека победи подобриот, нека победи ракометот“, изјави Давид Даев.

Првиот тренер на Голден Арт, Никола Матлиески потенцира дека Алкалоид има квалитетна екипа, ќе треба дисциплина за позитивен резултат.

„РК Алкалоид е исклучително квалитетна екипа составена од голем број играчи од националните селекции, екипа која подолго време работи заедно во ист состав, има квалитетни поединци и нормално е дека фаворитската улога е на нивна страна. Голден Арт има свои адути и амбиции и ќе се потрудиме да останат фаворити само на хартија. Моите играчи поседуваат квалитет и даваат максимум на тренинзите, верувам дека резултатот од нашата работа ќе се покаже на терен. Со тимска работа и дисциплина во реализација на договореното, очекувам позитивен резултат и победа која исклучително многу би ни значела за понатамошниот тек на првенството”, изјави Никола Матлиески, тренер на Голден Арт.

ПретходноМбапе воодушевен од својот иден стадион (ВИДЕО)
СледноПо двата порази од Грузија, Македонија падна едно место на светската рејтинг листа