Екипата на Брегалница пред дуелот со Пелистер вчера имаше императив на победа. Прва во пролетниот дел од шампионатот. Штипјани одговорија на предизвикот, обезбедија триумф од 2:1, и тоа најмногу благодарение на интернационалецот од Србија, Милан Ѓокиќ кој беше стрелец на овој меч.
„Се радувам на погодокот против Пелистер, но секако позадоволен сум од забележаната победа, кој ете на некој начин значи крај на резултатската криза. Да бидам искрен заслуживме победа и на некој од претходните дуели оваа пролет, но ете немавме и среќа во одредени ситуации. Како и да е, сега сосема заслужено дојдовме до трите бода, кои треба да ни бидат сега мотив за уште поквалитетни изданија и победи и на следните натпревари“ – вели Ѓокиќ.
„Сините“ сега ги очекува во недела натпреварот со велешки Борец во Штип на стартиот од третиот круг натпревари.
„Очигледно е дека сите екипи во шампионатот имаат квалитет за надигрување со секого, па сигурно нема да биде лесен натпревар и со Борец, но јасно е дека ние размислуваме само на нов триумф пред нашите навивачи“ – дополнува Ѓокиќ.