Одбојкарската репрезентација на Азербејџан го откажала своето учество во годинешното издание на ЦЕВ Сребрената европска лига, што најверојатно ќе доведе до прекомбинирање на двете групи за првата фаза од годинешното натпреварување во кое учествува и нашата одбојкарска репрезентација.
Според информациите, во групата „А“ во која беше Азербејџан сега остануваат само селекциите на Финска и Унгарија, па нив треба да им се приклучи една од селекциите кои беа извлечени во нашата група „Б“, каде покрај Македонија се и селекциите на Албанија, БиХ и Романија.
ЦЕВ ја разгледува можноста поради намалување на трошоци за патување, во групата „А“ да се преселат Романците, а ние со Албанија и Босна и Хрецеговина да останеме во втората група. Сепак, одлуката не е финална. Откако ќе дојде до прекомбинирање на групите, најверојатно ќе има и промена на распоредот и термините на натпреварите.
Според првичниот распоред, Македонија настапите во ЦЕВ Сребрената европска лига требаше да ги почне на 25 мај на домашен терен со натпревар против селекцијата на Босна и Херцеговина.