Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино, како главна причина за поразот на неговиот тим од Реал Мадрид го наведе судењето. Францускиот шампион загуби со 3:1 на „Сантијаго Бернабеу“ и беше елиминиран во осминафиналето на Лигата на шампионите. Покетино е огорчен од израмнувачкиот гол на Карим Бензема и смета дека напаѓачот го фаулирал Џанлуиџи Донарума.
„Ова е срамота! Не можеме да молчиме. Невозможно е ова да се случува во 2022 година! Кога ќе примите таков гол, се врти целиот натпревар и емоциите на трибините. Неверојатно е зошто ВАР не интервенираше. Прекршокот беше очигледен. Од секој можен агол се гледа дека се работи за фаул. Навистина не ми е јасно зошто ВАР не реагираше“, изјави бесниот Покетино.
„Конечниот исход на натпреварот беше решен во 10 минути. Бевме подобриот тим во двата натпревари. Во фудбалот најважно е да ги искористите максимално вашите шанси. Точно е дека на крајот колабиравме. Немам објаснување“, призна Аргентинецот.